Никола Тодоровски роден е на 28 јануари 1914 г. по стариот календар, (10 февруари 1914 г. по новиот календар) во селото Канино во семејството на поп Ристо.
Ристо и Фросина беа среќни што добија уште еден син и го опкружија со посебна љубов, посебна и затоа што детето имаше нежно здравје.
Основно образование учеше во соседното село Барешани, а средно образование заврши во битолската гимназија во 1933 г.
Во 1933 г. Коле се запиша на Правниот факултет, а на 27 јуни 1938 г. дипломира. Веќе една година пред дипломирањето, Коле беше оженет со Загорка, учителка во соседното село Породин, во која се вљуби уште во првата нивна средба. Прва рожба им беше ќерката Милица (од милост ја викале Мима), а потоа им се родил и синот Стево.
Коле стана член на КПЈ во партиската студентска келија на Правниот факултет во Белград во 1936 г. Така попскиот син Никола – Коле Канински го почна својот комунистички живот, кој беше пресуден за понатамошните активности.
Кратко време поработи како правник, бидејќи тоа не одеше рака подрака со неговата револуционерна активност. Токму тоа ќе го вовлече во бугарските зандани, а оттаму во илегала приклучувајќи им се на партизаните. Неговата храброст, мудрост и слободољубивост ќе бидат поттик за неговите соборци. Коле Канински од командант на партизанскиот одред „Гоце Делчев“ во 1944 г. станува политички комесар на Првата македонска народноослободителна ударна бригада.
Во 1944 г. сопругата Загорка, со ќерката Мима и синот Стево го очекуваа да се врати горејќи од желба да го прегрнат цврсто, каков што беше тој, каква што беше Македонија.
Но наместо тоа на 22 јули 1944 г. стигна злокобната вест. Во подкараорманското село Буринец во попладневните часови на местото каде се вршеа вежби и каде се испробуваа минофрлачите добиени одAнгличаните, се случи голема трагедија. Таму загина Коле Канински заедно со бригадниот лекар Трифун Пановски, Иван Чанковски, командант на придружната чета, Наум Божиновски, политички командир на истата чета.
Заедно со нив загина десетгодишно дете од Буринец со полна торба јаболка, што им ги носеше како подарок на Партизаните.
Веста за загинувањето болно одекна. Заплака Македонија.
Оттогаш поминаа многу години, но неговото срце чука во градите на сите слободољубиви луѓе на нашио град Битола, која Коле толку многу ја сакаше.
На храбриот комунист, првоборец, командант и политички комесар Коле Канински, патронот на нашето училиште искрено му благодариме за се што направи за нас.
Посебна почит му должиме на Коле, кој не научи дека смртта на нов живот е извор.
Делото на нашиот патрон Коле Канински вечно ќе живее и ќе се слави.